Град по желба

Sorry, this entry is only available in Macedonian. For the sake of viewer convenience, the content is shown below in the alternative language. You may click the link to switch the active language.

Скопје е град во кој безмалку живеат повеќе од 650.000 жители. Во него се остварува повеќе од 35% од државниот БДП и претендира да биде монопол врз културните настани во државата. Но дали го имаме чувството на метропола кога живееме во него? Кога подобро ќе размислиме, единствената асоцијација на посетителите е дека во нашето Скопје има добра забава. И толку. Недоволно за место кое има толку голема концентрирана моќ на ниво на една држава. Поголемиот дел од жителите на главниот град го паметат Скопје како зелен град, град на маалата, убаво проектираните зони, мешавината на градби признати во светската архитектура. Се поставува прашањето во која насока ќе се движи развојот во наредните 10, 20, 30 години.

Скопје во ништо нема да се разликува од тенденциите во развојот со кои се соочува секоја европска метропола. Она што ќе го одреди квалитетот на живот во поголемите градови е нивниот капацитет да се справат со 3 фундаментални фактори: мобилност, одржливост и социјалните разлики. Првиот фактор на успех е да се обезбеди оптимален транспорт со сите средства кои се на располагање. Во случајот со нашиот главен град, ова би значело паралелно да се развива квалитетот на јавниот автобуски превоз, да се предвидат подобри сообраќајни решенија за автомобилскиот превоз, но и целосно да се применат нови иновативни решенија. Целта треба да биде користење на јавниот транспорт на најдобар и најефикасен начин. Што се однесува до иновативните решенија, едно од нив треба да биде т.н. самоуслуга “self service”. Шемите за изнајмување на точаци на час од одредени локации со враќање на истите или на други локации, т.н. Велиб во Парис функционираат феноменално. Доколку општините ги постават како решенија од типот на јавно/приватно партнерство, се постигнува двоен ефект. Профитабилност, задоволство и почиста средина.

Вториот фактор на идниот (не)успешен развој е одржливоста. Градовите и општините во нивни рамки мора да почнат да се однесуваат како посебни компании. Тоа бара долгорочни планови кои целат кон забрзан економски развој во здрава животна средина. Приходите по разни основи треба да се вратат назад во општината во проекти кои сами ќе генерираат идни профити. На пример, може да се започне со една средина како што е Ново Лисиче, дел од општината Аеродром. Како пилот проект во неа би дефинирал одржлив урбанистички проект за 24/7 дена работа, живот и забава. Посебен транспорт, резиденцијален дел, бизнис средина, јавни паркови, пешачки зони, шопинг центар итн. Преку јавен оглас би се понудиле разни проекти за партнерство со приватниот сектор кои би требале да се реализираат во период од 1-3 години. Резултатите би дефинирале еден сосема нов пристап во менаџирањето со инаку основните локални комунални активности како што се чистењето и хортикултурно уредување.

Третиот фактор е поврзан со менаџирањето на социо економските разлики. Сведоци сме на континуирана миграција од помалите места и градови во поголемите. Скопје е евидентен пример. Притисокот креиран од оваа миграција е врз работните места, станувањето, здравствените услуги, транспортот, образованието итн. Постојат 2 решенија на проблемот кој преминува во критичен фактор на (не)квалитетен живот. Првото решение е да се обезбеди работно место, образование, здравствени услуги, култура, инфраструктура и генерален економски развој на ниво на помалите средини, за да се обесхрабри одлуката за преселување. Во овој контекст посебно е значајно да се измени местото и улогата на прекубројната јавна администрација која е централизирана во поголемите градови. Второто решение е да се постави нов систем на менаџирање со социјалните разлики кој би обезбедил апсорпција на масовната миграција. Ова е критичен фактор кој мора да обезбеди задржување на идентитетот на градот, во услови на постоење на различни економски, верски, старосни, образовни и други структури. Миксот треба да се вгради во сите фази од развојот. За пример би ја посочил Старата скопска чаршија во која стихијно, но сигурно се враќаат старите занаети, паралелно прераснува во место на култни настани, традиционална храна, добра забава. Замислете кога би се покренал поорганизиран пристап засилен со финансиски издржани проекти.

Скопје мора да работи на својот идентитет што е карактеристика на сите поголеми градови. Во него мора да се зајакне чувството на сигурност, квалитет на градски живот, просторност и естетска убавина. Животната средина мора да се зачува како не би постигнале брз, но скап развој. Урбаниот хаос и сообраќајниот неред треба да се управуваат на долг рок со решенија слични на било која успешна компанија. Подобро е градските власти веднаш да започнат со овој Проект за на Скопје да му се даде втора шанса. Првата можеби и ја испушти.